Контроверзниот инфлуенсер Ендрју Тејт се претставува себеси како пребогат, но не поседувал автомобили и јахта со кои се појавувал на социјалните мрежи и го претерувал својот животен стил за да привлече внимание преку интернет, изјавија неговите адвокати.
Тејт и неговиот брат Тристан моментално се наоѓаат во затвор во Флорида и бараат ослободување со кауција додека чекаат исход од постапката за екстрадиција во Велика Британија. Тие беа уапсени минатиот месец откако британските обвинители открија нови обвиненија против нив, вклучувајќи и наводни сексуални престапи.
Обвинителите тврдат дека постои ризик за нивно бегство, наведувајќи ги минатите изјави на браќата дека имаат богатство и влијание и поседуваат повеќе идентитети за да го избегнат законот. Но, правните застапници на браќата рекоа дека нивниот бизнис модел зависи од вниманието преку интернет.
„Колку е објавата похиперболична и поневообичаена, толку е поголема веројатноста дека ќе генерира прегледи и лајкови, што, пак, генерира приход. Понекогаш Ендрју Тејт претеруваше и користеше хипербола заради комичен ефект, без намера да биде сфатен сериозно. Владата тврди дека постои ризик од бегство на браќата врз основа на нивните тврдења на социјалните медиуми дека се самопрогласени милијардери кои поседуваат луксузни возила, приватни авиони и суперјахта од 50 милиони долари и имаат неограничен пристап до традиционални фондови и криптовалути. Но, владата не утврди дали тоа е вистина“, се вели во правниот поднесок на адвокатите.
Обвинителите тврдеа дека двајцата браќа имаат на располагање значителни ресурси, како во однос на парите, така и на социјалните мрежи, додавајќи дека тие исто така покажале склоност кон заплашување на ранливите подносители на жалби.
„Наведената суперјахта не е во сопственост на браќата Тејт и тие биле платени да ја промовираат. Автомобилите, вклучувајќи „астон мартин“ и „бугати“, кои се појавија во содржините на социјалните медиуми, биле изнајмени. Тие се занимаваат со неколку бизниси, учејќи мажи како да заработуваат пари. Во нивни интерес е да се прикажат себеси на социјалните медиуми како пребогати“, рекоа адвокатите.
Ендрју и Тристан Тејт сега се соочуваат со вкупно 59 обвиненија поврзани со наводни прекршоци од јули 2010 до август 2017. Тие претходно негираа какво било кривично дело.



