Бразилскиот претседател Жаир Болсонаро ги обвини еколошките групи и невладините организации дека подметнуваат пожари во Амазон, обидувајќи се да им контрира на зголемените меѓународни критики дека не успеал да ја заштити најголемата дождовна шума на светот.
Рекордно голем број пожари се регистрирани во Амазон овој месец и се верува дека најчесто се предизвикани од фармери кои расчистуваат земјиште за нови земјоделски површини, охрабрени од новата владина политика која сака да ја живне економијата во овој регион.
Оваа година, во Бразил избувнале повеќе од 72.800 пожари, што е за 84% повеќе во споредба со истиот период лани. Повеќе од половина биле во Амазон.
Откако Болсонаро дојде на власт, агенцијата за животна средина го намали бројот на казни, а министерствата дозволија поголема сеча. Болсонаро тврди дека пожарите се предизвикани од невладини организации за да се посрамоти владата.
„Што се однесува до пожарите во Амазон, мислам дека тие се подметнати од невладини организации затоа што државата им ги намали средствата. Нивната намера е да му донесат проблеми на Бразил“, изјави Болсонаро.
Екологисти ги отфрлија тврдењата на Болсонаро како неосновани.
„Тоа е болна, срамна изјава“, кажа директорот на Гринпис Бразил, Марсио Астрини.