Албанските власти потврдија дека најголем дел од нивните граѓани кои оваа година биле депортирани од Велика Британија биле во затвор таму. Би-Би-Си откри дека на некои од нив им било понудено 1.500 фунти и намалување на затворската казна за една година за да се вратат во Албанија, каде што би биле слободни граѓани.
Некои од интервјуираните имигранти рекле дека планираат да се вратат во Британија, иако, според правилата, тоа би значело дека мора да го отслужат остатокот од затворската казна.
Од потпишувањето на договорот за соработка во декември, околу 500 престапници и баратели на азил биле депортирани од Велика Британија во Албанија, а уште толку се вратиле доброволно.
Еден 30-годишен маж изјави за Би-Би-Си дека службеник за имиграција го посетил во затворот и му понудил да се врати во Албанија во замена за парична награда. Тој тогаш имал отслужено две од предвидените шест години затвор за трговија со дрога.
„Службеник за имиграција дојде да нè види. Нè праша дали сакаме да одиме во Албанија или да останеме во Британија. Ни објасни дека ако се одлучиме за враќањето, ќе ни избришат една година од казната и ќе добиеме финансиска поддршка од 1.500 фунти“, изјави тој.
Би-Би-Си објави дека и на други албански затвореници им била понудена оваа сума, замислена како „финансиски поттик“ за странски затвореници.
„Враќањето беше мој избор. Никој не ме натерал, туку само ми понудија“, изјави друг албански имигрант.
Британското министерство за внатрешни работи потврди дека многумина Албанци биле депортирани од почетокот на минатата година според шемата за рано ослободување.