Велика Британија почна истражување кое ќе испита дали давањето две различни вакцини при првата и втората доза има ист ефект како пристапот со еден тип на вакцина против ковид-19. Целта е да се обезбеди поголема флексибилност при вакцинирањето и да се спречат евентуални прекини и проблеми во дистрибуцијата.
Научниците сметаат дека мешањето вакцини може да даде уште поголема заштита од ковид-19, што претходно се покажало успешно во програмите за имунизација против ебола.
Во тестирањето ќе учествуваат 800 волонтери постари од 50 години, за што британската влада издвои седум милиони фунти. Тие ќе примат вакцина на Оксфорд и на „Фајзер/Бионтек“ на растојание од четири до 12 недели, а во истражувањето би можеле да бидат додадени и други вакцини, откако ќе бидат одобрени од регулаторите.
„Мешањето вакцини е нешто што често се правело во историјата, како против хепатит, рубеола, детска парализа и сипаници. Ова е исклучително возбудливо истражување“, изјави британскиот министер за вакцини Надим Захави.