Бугарија ја прекина потрагата по исчезнатиот екипаж на бродот што потона вчера откако беше погоден од дрон на околу 130 километри од нејзиниот брег, изјави вицеадмиралот Румен Николов од Извршната поморска управа.
Два брода беа погодени со дронови во ексклузивната економска зона на Бугарија во Црното Море, од кои еден потона, а другиот претрпе оштетувања, но неговиот екипаж беше спасен.
Николов изјави дека операцијата за спасување на екипажот на потонатиот брод нема да продолжи.
„Нема траги од морнарите од првиот брод, ниту ќе ги има. Исто така, нема информации за остатоци од дронови. Пронајдени се еден чамец, три сплавови за спасување и делови од бродската опрема“, кажа Николов.
Потонатиот брод е именуван како „Алфа Ватан“, пловел под знамето на Того и се движел кон Романија.
Засега не е јасно кој го извршил нападот со воздушни и поморски дронови во водите кај крајбрежниот град Бјала во источна Бугарија. Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја обвини Русија, додека бугарскиот премиер Румен Радев кажа дека не е сигурен.
По нападот, Радев изјави дека неговата влада ќе ја одобри набавката на уште пет ракетни системи земја-воздух.



