Чешка од денеска за првпат воведува општа забрана за движење во ноќните часови на територијата на целата земја, откако бројот на заразени со коронавирус продолжи да расте. Во изминатите 24 часа се потврдени 15.663 нови случаи на зараза, што претставува нов дневен рекорд.
Полицискиот час ќе почнува во 21 и ќе трае до пет часот и со него ќе бидат забранети сите несуштински излегувања од дома. Продавниците ќе затвораат еден час порано.
Здравствените власти сметаат дека ноќниот живот и забавите се главна причина за масовното ширење на коронавирусот.
„Досегашните мерки имаа мал ефект. Една третина од тестираните излегуваат позитивни“, изјави министерот за здравство Роман Примула, додавајќи дека бројот на хоспитализирани лица е 6.191.