ЧЕТВОРИЦА МРТВИ И 24 ПОВРЕДЕНИ ПРИ КОЛАПС НА ЗГРАДА ВО ПОЛСКА

    ЧЕТВОРИЦА МРТВИ И 24 ПОВРЕДЕНИ ПРИ КОЛАПС НА ЗГРАДА ВО ПОЛСКАПожарникарите и спасувачите сѐ уште бараат преживеани во урнатините ан зградата, во полскиот град Познањ. (Фото:АП)

    Станбен блок се урна денес во полскиот град Познањ, при што загинаа четворица, а 24 други се повредени, соопштија надлежните, додека пожарникарите и спасувачите со кучиња под урнатините бараа други преживеани.

    Зградата имала 18 стана со 40 жители, според портпаролот на Противпожарната бригада Славомир Брант.

    Полската телевизија „Инфо“ покажа дел од четирикатната зграда, каде што спасувачите ги проверуваат урнатините барајќи преживеани на минусни температури. Полицијата и обвинителите се на местото на настанот, каде ги испрашуваат сведоците.

    „Слушнавме гласен удар, а потоа застрашувачки повици од луѓето ’Спасете нè‘, ’Спасете нè‘. Јас и жена ми се облековме и го напуштивме станот, обидувајќи се да им помогнеме на соседите“, жител од приземјето Криштоф Шлед, изјави за државната новинска агенција ПАП.

    Тој кажа дека ја извлекле двегодишната ќерка на соседите од креветчето покриено со урнатини.

    „Мислев дека е мртва, беше сина. Но велат дека е во болница“, кажа Шлед.

    Портпаролот на болницата Урсула Ласинска кажа дека мало девојче е хоспитализирано во стабилна состојба, додека две други деца се пуштени од болница, откако претходно добиле лекарска помош за модринките.

    Жителите кои не биле повредени се однесени во хотел, кој се наоѓа во близина на зградата.

    Регионалниот гувернер Збигњев Хофман кажа дека е премногу рано за да се утврди причината за колапсот на зградата, но додаде дека експлозија на гас е едно од можните објаснувања.

    Регионалниот градежен инспектор Павел Лукашевски кажа дека остатокот од зградата е затворен и дека е исклучен гасот.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира