ДАНСКА ИМ ПОМОГНАЛА НА АМЕРИКАНСКИТЕ РАЗУЗНАВАЧИ ДА ГИ ШПИОНИРААТ МЕРКЕЛ И ДРУГИ ЕВРОПСКИ ПОЛИТИЧАРИ

    ДАНСКА ИМ ПОМОГНАЛА НА АМЕРИКАНСКИТЕ РАЗУЗНАВАЧИ ДА ГИ ШПИОНИРААТ МЕРКЕЛ И ДРУГИ ЕВРОПСКИ ПОЛИТИЧАРИТелефонот на Меркел бил прислушкуван од 2012 до 2014 година, стои во нов извештај (Фото: Ројтерс)

    Данската тајна служба им помогнала на САД да шпионираат европски политичари, вклучувајќи ја Ангела Меркел, од 2012 до 2014 година, објавија данските медиуми. Данската одбранбена разузнавачка служба (ФЕ) соработувала со Националната безбедносна агенција на САД (НСА) во собирањето информации, а мета биле официјални лица од Германија, Франција, Шведска и Норвешка.

    Слични обвинувања излегоа и во 2013 година, кога свиркачот Едвард Сноуден откри дека НСА го прислушкувала телефонот на Меркел. Белата куќа тогаш ги демантираше овие наводи.

    Во новиот извештај, споделен со неколку европски медиумски агенции, стои дека НСА имала пристап до пораките и телефонските разговори на бројни угледни поединци така што се поврзала со данските интернет кабли во соработка со ФЕ.

    „Систематското прислушкување на блиските сојузници е неприфатливо“, изјави данската министерка за одбрана Трине Брамсен, која претходно била известена за аферата со шпионирањето.

    ФЕ и НСА засега не ги коментираа новите обвинувања. Портпаролот на Меркел изјави дека дури сега станале свесни за ова.

    Внатрешната истрага во Данската одбранбена разузнавачка служба беше покрената во 2015 година, со цел да се испитаат тврдењата на Сноуден. Данска, која важи за близок сојузник на САД, е домаќин на неколку клучни станици за подводни интернет кабли кон Шведска, Норвешка, Германија, Холандија и Велика Британија.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира