Данска планира напролет да ја згасне својата програма за вакцинирање против ковид-19 и вели дека нема потреба на децата да им се дава третата доза или четвртата доза на оние кои се во ризик од сериозно разболување. Здравствените власти велат дека третиот бран на зараза во земјата опаѓа поради големиот имунитет меѓу населението.
„Имаме многу висока стапка на вакцинација, особено со третата доза, што значи дека можеме да се справиме со ново ширење на заразата без сериозно разболување“, објави Агенцијата за јавно здравје на Данска.
Минатиот месец, среде големото ширење на омикрон, беше одобрена четвртата доза за постари и поранливи жители, но здравствените власти сега велат дека и три дози обезбедуваат добра заштита од ковид-19.
„Почнавме да ја заокружуваме тековната програма за вакцинација на сите целни групи, вклучувајќи ги и децата од пет до 11 години. Напролет планираме да ја згаснеме целата програма за вакцинација. Се разбира, ќе продолжиме да ја следиме пандемијата и ќе бидеме спремни да ја промениме одлуката ако се појави нов загрижувачки бран или сој“, соопшти агенцијата.
Данска неодамна ги укина сите коронамерки, оценувајќи дека вирусот веќе не претставува критична закана.