ДЕСЕТ ЗАГИНАТИ ВО РУСКИ НАПАД НА ХАРКИВ, ЗЕЛЕНСКИ ВЕЛИ РУСИЈА НЕ СМЕЕ ДА БИДЕ НАГРАДЕНА ЗА ВОЈНАТА

    ДЕСЕТ ЗАГИНАТИ ВО РУСКИ НАПАД НА ХАРКИВ, ЗЕЛЕНСКИ ВЕЛИ РУСИЈА НЕ СМЕЕ ДА БИДЕ НАГРАДЕНА ЗА ВОЈНАТАМеѓу загинатите се и мало дете и 16-годишно момче, во нападот пред денешната средба на Зеленски со Трамп за крај на војната. (Фото: Обласна власт на Харкив)

    Во напад со руски беспилотни летала врз станбена област во украинскиот град Харкив во текот на ноќта загинаа десет лица, меѓу кои и мало дете и 16-годишно момче, соопштија украинските власти, додека САД вршат притисок врз Киев да прифати брз договор за прекин на војната што ја започна Москва. Шест деца на возраст од 6 до 17 години беа меѓу 20-те повредени лица во нападот врз вториот по големина град во Украина, објави на Телеграм Олех Синехубов, гувернер на поширокиот регион Харкив.

    Нападот се случи додека украинскиот претседател Володимир Зеленски се подготвуваше за разговори со Доналд Трамп во Вашингтон подоцна денеска, среде европските стравувања дека американскиот претседател би можел да се обиде да изврши притисок врз Киев да прифати мировен договор во корист на Москва.

    Воздухопловните сили соопштија дека Русија лансирала 140 беспилотни летала против Украина во текот на ноќта, што е најголем број регистрирани во една ноќ од 4 август.

    Харкив, кој се наоѓа во близина на границата на североисточна Украина со Русија, беше цел на руски напади со беспилотни летала и ракети во текот на целата војна.

    Претседателот Володимир Зеленски го осуди „демонстративниот и циничен“ напад врз станбен блок во Харкив, изјавувајќи дека Русија „не треба да биде наградена“ за војната против неговата земја. Во објава на X, украинскиот лидер вели дека Русија е свесна дека денес во Вашингтон се одржува состанок за завршување на војната – и утрово ги напаѓа регионите Харкив, Запорожје, Суми и Одеса.

    „Руската воена машина продолжува да уништува животи и покрај сè. Путин ќе изврши демонстративни убиства за да го одржи притисокот врз Украина и Европа, како и да ги понижи дипломатските напори“, објави тој. „Токму затоа бараме помош за да се стави крај на убиствата. Затоа се потребни сигурни безбедносни гаранции. Затоа Русија не треба да биде наградена за нејзиното учество во оваа војна“, веле Зеленски.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира