Најмалку 26 лица се убиени, а 20 се повредени во најсмртоносното масовно пукање во историјата на Тексас, што се случи во една црква во градот Сатерленд Спрингс.
Дваесет и седмата жртва е убиецот, идентификуван како 26-годишен маж, кој беше пронајден мртов во возило, кратко време откако избега од местото на масакрот. Полицијата не објави дали тој се самоубил или бил застрелан од некој друг.
Меѓу загинатите има и деца, вклучувајќи ја 14-годишната ќерка на пасторот на Првата баптистичка црква. Најмладата жртва има само пет години, а една од убиените жени била бремена.
„Сите кои загинаа ми се блиски пријатели“, кажа пасторот Френк Померој, кој дента бил во Оклахома.
Жена која работи на бензинската пумпа што се наоѓа во близина вели дека во еден момент во црквата се слушнаа рафални истрели.
„Луѓето почнаа да бегаат од црквата. Пукањето траеше околу 15 секунди. Лекарските екипи пристигнаа многу брзо“, изјави таа.
На локалните медиуми им беше потврдено дека убиецот е Девин Кели од Њу Браунфелс, гратче оддалечено 50-ина километри од Сатерленд Спрингс. Неговите мотиви се непознати, но податоците од социјалните мрежи сугерираат дека има воено искуство.