ДОДЕКА ДРУГИТЕ ЕВРОПСКИ ЗЕМЈИ СЕ БОРАТ СО НОВО ШИРЕЊЕ НА КОРОНАВИРУСОТ, ШВЕДСКА ГИ БЕЛЕЖИ НАЈМАЛИТЕ БРОЈКИ ОД ПОЧЕТОКОТ НА КРИЗАТА

    ДОДЕКА ДРУГИТЕ ЕВРОПСКИ ЗЕМЈИ СЕ БОРАТ СО НОВО ШИРЕЊЕ НА КОРОНАВИРУСОТ, ШВЕДСКА ГИ БЕЛЕЖИ НАЈМАЛИТЕ БРОЈКИ ОД ПОЧЕТОКОТ НА КРИЗАТАШведска е една од ретките земји на светот каде што властите не препорачаа да се носи маска (Фото: АП)

    Додека во останатите европски земји ширењето на коронавирусот повторно се зголемува, Шведска, чиј лесен пристап кон пандемијата привлече меѓународно внимание, регистрира најмал дневен пораст на бројот на нови случаи од појавата на вирусот.

    Последниот седумдневен просек објавен вчера беше 108 нови случаи, што е најмалку од 13 март, а од 120.000 направени тестови во изминатата недела, само 1,2% биле позитивни.

    Според Европскиот центар за превенција и контрола на болести, во последните 14 дена Шведска има 22,2 нови случаи на коронавирус на 100.000 жители, наспроти 279 во Шпанија, 158 во Франција, 118 во Чешка, 77 во Белгија и 59 во Велика Британија. Шведска исто така има помалку нови случаи на зараза дневно од соседите Норвешка и Данска. Моментално, само 13 шведски пациенти се на интензивна нега, а седумдневниот просек на смртни случаи е нула.

    „Кај нас нема враќање на болеста како во други земји“, изјави главниот шведски епидемиолог Андерс Тегнел, кој ја осмисли националната стратегија за борба против коронавирусот, која не се темелеше врз затворање и карантин.

    Место тоа, од Швеѓаните беше побарано да работат од дома и да ја почитуваат физичката дистанца, а јавните собири беа ограничени на 50 луѓе. Продавниците, баровите, рестораните и теретаните цело време работеа, а властите досега не препорачуваа да се носи маска.

    Ковид-19 досега однесе 5.846 животи во Шведска, најмногу во старечките домови, за што Тегнел призна дека бил најголемиот пропуст.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира