Доналд Трамп, Џеј-Ди Венс и спикерот на иранскиот парламент Мохамад Багер Калибаф по електронски пат го потпишале меморандумот за разбирање, а церемонијата на официјално потпишување ќе се одржи в петок во Женева, кажаа од Белата куќа. Тој чин ќе го означи почетокот на 60-дневен период, во кој двете страни ќе преговараат за конечен мировен договор.
Еден американски функционер изјави дека деталите од меморандумот ќе бидат објавени јавно во следните 24 до 48 часа.
„Многу сум среќен што можам да кажам дека договорот е веќе потпишан. Текстот на меморандумот ќе биде објавен наскоро. Ормускиот Теснец ќе биде целосно отворен в петок“, кажа Трамп, кој пристигна на самитот на Г7 во францускиот град Евијан.
Наспроти изјавите од Техеран, Трамп тврди дека овој првичен договор не вклучува олеснување на економските санкции за Иран.
„Договорот со Иран е ветувачки, но не е гаранција. Се надевам дека САД и Иран ќе развијат добри односи, но ако не го сториме тоа, ќе се вратиме таму каде што почнавме. Но, не мислам дека тоа ќе биде потребно“, рече Трамп.
Висок американски функционер изјави дека моменталниот договор не го вклучува Либан, но дека се водат директни разговори помеѓу Израел и Либан.
„Доколку Иран не е во можност да го контролира Хезболах и ако нападнат израелски позиции или израелски градови, Израел ќе има право да се брани и да одговори“, кажа функционерот.



