Владејачката партија Фидес на Виктор Орбан најверојатно нема да го задржи двотретинското мнозинство во парламентот и по денешните избори во Унгарија, на коишто беше регистрирана рекордна излезност. Ова го изјави портпаролот на Фидес, Ѓерѓели Ѓулаш.
Голем фаворит во сите предизборни анкети, се очекува десничарскиот премиер Орбан да го добие третиот мандат едноподруго, а вкупно четврти досега.
Избирачките места требаше да се затворат во 19 часот, но некои останаа отворени поради долги редици. Државната изборна комисија кажа дека нема да објавува никакви резултати сѐ додека не заврши гласањето на сите места. Според податоците од 17 часот, излезноста била 68,3%, со што беа надминати претходните три избори.
Вакви сцени имало и во Брисел и Лондон, кадешто Унгарците излегоа да гласаат во голем број. Од унгарската амбасада во Лондон кажале дека не биле подготвени да се справат со толкав одзив.
Во текот на кампањата, Орбан одбиваше јавно да дебатира со своите противници или да дава изјави за независните медиуми, туку само држеше говори на митинзи, кои се фокусираа на една клучна тема – запирање на имиграцијата.
„Миграцијата е ‘рѓа, која полека, но сигурно би ја презела Унгарија“, кажа Орбан на еден од последните митинзи.
Поради својата цврста реторика, Орбан често доаѓаше во судир со Европската Унија, но неговиот силен адут останува големиот економски раст.