Двајца македонски државјани загинаа во верижна сообраќајна несреќа која се случи утрово на автопатот Ниш-Белград, потврдија од Министерството за внатрешни работи.
Како што пренесува агенцијата „Танјуг“ во верижниот судир кој се случил на двете страни од автопатот во близина на Јагодина, загинаа 7 лица, повредени се помеѓу 35 до 40 патници, а оштетени се и 40 возила, меѓу кои има и такви кои се целосно уништени.
„На автопатот во близина на Јагодина утрово околу 7.20 часот се случи верижен судар во двата правци. Во сообраќајната несреќа учествувале 34 возила. Во тек е увидот, но се претпоставува дека причина за несреќата е слабата видливост“, изјавија од Министерството за внатрешни работи на Србија за агенцијата „Танјуг“.
Според изјавите на очевидци на кои се повикуваат српските медиуми на автопатот имало многу густа магла и видливоста била одвај 10 метри.