Финската апликација за членство во НАТО ја доби поддршката од турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Апликацијата беше блокирана со месеци, откако Турција ја обвини Финска дека поддржува терористи.
На заедничката прес-конференција со финскиот претседател Саули Нинисто, Ердоган ги пофали „автентичните и конкретни чекори на Финска за турската безбедност“.
Финската апликација сега оди на одобрување во турскиот парламент.
Финска, која граничи со Русија, поднесе барање за членство во НАТО заедно со Шведска набргу по почетокот на војната во Украина, напуштајќи ја својата традиционална воена неутралност. Двете земји беа блокирани од забелешките на Турција и Ердоган и натаму не ѝ дава поддршка на Шведска. Финска затоа одлучи сама да го продолжи својот пат кон западната воена алијанса.
И на средбата со Нинисто, Ердоган го нагласи својот непријателски однос кон Шведска.
„Шведска ги прифати курдските терористи и дозволи курдски милитантни демонстрации на улиците на Стокхолм“, кажа тој.