Кандидатот на најголемата опозициска партија во Турција денеска и официјално беше прогласен за нов градоначалник на Истанбул, и покрај барањата на партијата на Ердоган да се поништи гласањето и да се одржат нови избори.
Речиси три недели по локалните избори, Екрем Имамоглу од Републиканската народна партија го прими мандатот од државната изборна комисија по пребројувањето на гласовите на неколку спорни избирачки места во градот. Набргу потоа, Имамоглу и официјално ја презеде функцијата од досегашниот градоначалник Мевлут Ујсал.
Првичните резултати покажуваа дека Имамоглу победил со мала разлика, што беше причината партијата АК во неколку наврати да побара повторно броење на гласовите. АК во последните 15 години управуваше со вториот најголем град во Турција, а токму од оваа функција почна и политичкиот подем на Ердоган. АК исто така ги загуби и Анкара и Измир.