Единствено Виктор Орбан знае толку да ги вознемири западните сојузници како Реџеп Таип Ердоган.
На последниот самит на НАТО во Вилнус, Ердоган ги шокираше западните сојузници и Владимир Путин со поддршката за Украина, велејќи дека таа заслужува да стане членка на НАТО и додаде уште еден невозможен услов за отфрлање на ветото врз членството на Шведска, барајќи на Турција да ѝ се овозможи да ги почне пристапните преговори со Европската Унија.
„Никој не треба да очекува компромиси или разбирање од мене“, кажа Ердоган пред да тргне за Литванија.
И потоа, наеднаш направи пресврт. По неколку часа жестока дипломатија, Ердоган им подаде рака на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг и на шведскиот премиер Улф Кристерсон, откако прифати да ја тргне блокадата од членството на Шведска, на кое со месеци силно се противеше.
„Мора да признаете дека Ердоган игра многу добро кога е во прашање заштитата на турските национални интереси“, вели американскиот аналитичар Рич Оуцен од организацијата Атлантски совет.
Истовремено, и Русија беше изненадена откако Ердоган ненадејно одлучи да ги пушти заповедниците на контроверзниот Азовски баталјон, кои беа држени во Турција со месеци.
„Никој не ја информираше Русија за овој трансфер. Тие требаше да останат во Турција до крајот на конфликтот“, кажа портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков.
На прв поглед, однесувањето на Ердоган изгледа непредвидливо и хаотично, но тоа ги има сите белези на отоманскиот бонтон и потсетува на традиционалното пазарење во Капали чаршија во Истанбул, само со далеку поголеми влогови. Според Оуцен, Ердоган оваа недела го правеше она што секогаш го прави: играше на сите страни и се пазареше за да го добие она што го сака.
„Што се однесува до приемот на Шведска во НАТО, Вашингтон и Брисел погрешно го читаа Ердоган. Тој веројатно отсекогаш имал намера да ја пушти Шведска во НАТО, само сакал да се избори за подобар договор. Членството во НАТО ја зајакнува моќта на Турција и таа е среќна со неговото проширување. Мислам дека Ердоган играше игра со која на крајот ќе извлече повеќе отстапки“, смета Оуцен.
Меѓу добивките за Ердоган е ветувањето од Бајден дека ќе му продаде 40 борбени авиони „Ф-16“, како и пакети за модернизација на постојните авиони во турската флота. Иако Вашингтон кажа дека авионите и шведската апликација за НАТО се неповрзани, никој не верува дека ова е случајно. Исто така, западните сили се подготвени да ги тргнат санкциите за одбранбениот и воздухопловниот сектор што ѝ беа воведени на Турција во 2019 поради воените акции во Сирија и набавката на руско оружје.
Оуцен смета дека Ердоган ќе продолжи да игра и со западот и со Русија, во духот на традиционалната турска надворешна политика.
„Не е во неговиот карактер целосно да му се приклони на Западот“, вели Оуцен.