ЕУ Е ЗАГРИЖЕНА ДЕКА ЗА ПРОШИРУВАЊЕТО СО НОВИ ЧЛЕНКИ ЌЕ Ѝ СЕ ОДЛЕАТ МНОГУ ПАРИ ОД БУЏЕТОТ, ВЕЛИ ДОВЕРЛИВ ДОКУМЕНТ НА ШВЕДСКОТО ПРЕТСЕДАТЕЛСТВО

    ЕУ Е ЗАГРИЖЕНА ДЕКА ЗА ПРОШИРУВАЊЕТО СО НОВИ ЧЛЕНКИ ЌЕ Ѝ СЕ ОДЛЕАТ МНОГУ ПАРИ ОД БУЏЕТОТ, ВЕЛИ ДОВЕРЛИВ ДОКУМЕНТ НА ШВЕДСКОТО ПРЕТСЕДАТЕЛСТВОДокументот на шведското претседателство со Европската унија ќе биде основа за дебатата за идното можно проширување на министрите за европски работи на ЕУ на 21 и 22 јуни во Стокхолм. (Фото: ЕУ)

    (Специјално од Брисел: Светлана ЈОВАНОВСКА)

    Европската унија е загрижена за влијанието на нејзиното можно идно проширување со нови членки врз нејзините политики, но најголемата паника се однесува на европскиот буџет од кој зависи примената на кохезионата и земјоделска политика, бележи шведското претседателство со ЕУ во доверлив документ кој ја анализира способноста на ЕУ да прими нови земји-членки.

    САКАМДАКАЖАМ.МК имаше пристап до овој документ, кој ќе биде основа за дебатата за идното можно проширување на министрите за европски работи на ЕУ на 21 и 22 јуни во Стокхолм.

    На овој состанок министрите ќе тргнат во потрага по нов механизам за проширување но не за вистинско, туку еден вид диференцирано членство. Според француската државна секретарка за европски прашања Лоранс Бун, земјите-членки имаат рок до крајот на 2023 година за да го прецизираат овој механизам, изјави таа за европскиот портал Еуроактив.

    Руската инвазија на Украина и промената на геополитичкиот пејзаж, ја натераа ЕУ да размислува за стабилност и безбедност во нејзиното непосредно соседство и го воскресна проширувањето. Во јуни минатата година, лидерите на ЕУ на нивниот самит заклучија дека напредокот на секоја земја кон ЕУ ќе зависи од нејзините заслуги според критериумите од Копенхаген, но и од „капацитетот на ЕУ да апсорбира нови членки“.

    „Најнепосредното и најзначајното влијание на можните идни проширувања на ЕУ ќе се однесува на буџетот на ЕУ, т.е. континуираниот финансиски капацитет на ЕУ да ги поддржува и да ги следи своите политики“, пишува во шведската анализа. Документот предупредува дека влијанието на проширувањата врз ЕУ ќе зависи и од големината на земјата и редоследот на пристапувањето. Редослед за кој уште не постои календар.

    Можните нови земји-членки, предупредува документот, ќе станат „нето корисници на буџетот на ЕУ, добивајќи значителни средства од ЕУ за да придонесат за нивниот развој по пристапувањето“, најзначајно влијание проширувањето ќе има врз „кохезионата политика и земјоделските политики“. Овде не спаѓа реконструкцијата на Украина која ќе треба да се реши посебно, бидејќи трошоците се далеку поголеми од оние за процесот на пристапување.

    Кохезионата политика на ЕУ има за цел да ги намали разликите меѓу регионите на ЕУ, а особено да ги поддржи помалку развиените региони.

    „Имајќи го предвид нивото на развој на сегашните земји кандидати, улогата на кохезионата политика во придонесот за идниот континуиран развој на ЕУ во смисла на зајакнување на економската, социјалната и територијалната кохезија, подобрување на квалитетот на животот на граѓаните на ЕУ и обезбедување за приоритетите на ЕУ, ќе биде од суштинско значење во една проширена ЕУ“, потсетува шведското претседателство и наведува дека ќе треба да се разгледаат сегашните правила, како и тековниот буџет на кохезионата политика.

    Втората најважна ставка е заедничката земјоделска политика (ЗЗП) која ќе биде, како што вели документот, особено погодена во контекст на проширувањето, особено поради специфичните околности на земјоделскиот сектор во некои од земјите кандидати. Земјите на кои ЗЗП им е од витална важност се и најголемите како Франција, Шпанија, Германија или Полска.

    Третата битна област е владеењето на правото и областа на слободата, безбедноста и правдата, како и можните ефекти врз Шенген зоната. Проширената ЕУ ќе има нови надворешни граници и ова „ќе има импликации за управувањето со надворешните граници на ЕУ, особено во однос на внатрешната безбедност и миграцијата од трети земји“.

    Проширувањето ќе има влијание и врз единствениот пазар на ЕУ и неговите четири слободи – слободно движење на стоки, лица, услуги и капитал како и врз заедничката надворешна безбедносна политика. Специфичните географски, историски и политички ситуации на новите земји-членки веројатно ќе бараат значително внимание и политички капитал. Проширената ЕУ би имала нови надворешни граници, поголема територија и население и различни геополитички интереси што ќе има влијание на односите на ЕУ со трети земји, пишува во анализата.

    На 9 мај 2023, германскиот канцелар Олаф Шолц предупреди дека голем нов бран на проширување може да има само со реформа на Европската повелба и додаде дека тоа е „предуслов“ за проширувањето. Шолц повика и на промена на одлучувањето во ЕУ од едногласност кон гласање со квалификувано мнозинство, но само во оданочувањето и надворешната политика. Овој став го дели и Франција.

    Во Брисел циркулира идејата за „диференциран“ пристапен процес и брзо закотвување на земјите-кандидати во ЕУ. Поддржувачите на оваа идеја сметаат дека на тој начин ќе се избегнат долгите пристапни преговори со ЕУ, но и долгиот процес на реформа на Европската повелба што го дефинира функционирањето на ЕУ и без чија реформа проширувањето во досегашната форма е невозможно. Последната реформа на ЕУ беше заокружена со Лисабонскиот договор кој стапи на сила во 2009.

    На состанокот од 23 до 24 јуни 2022, Европскиот совет одлучи да им додели статус на земја-кандидат на Украина и на Молдавија, а на 15 декември и на Босна и Херцеговина со што тие им се придружија на Албанија, Црна Гора, Македонија, Србија и Турција.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира