Во Европската Унија денеска стапува во сила нова регулатива која постепено ќе ги исфрла пластиката и преголемите пакувања од секојдневната употреба. Сепак, многу од значајните новини за потрошувачите ќе важат од 2030, објави „Дојче веле“.
Според податоците на европската агенција за статистика Евростат, во 2023, еден жител на ЕУ создал во просек 177,8 килограми отпад од пакувања. Новите правила треба да обезбедат постепено намалување на ваквиот отпад до 2040 година, кога треба да биде помал за 15 проценти во споредба со 2018.
Според новите правила, сите пакувања што ќе се пуштаат во промет во иднина ќе мора да бидат погодни за рециклирање. Исклучок ќе бидат одредени продажни пакувања, меѓу кои и пакувања од лесно дрво, плута, текстил, гума, керамика, порцелан или восок.
Ќе бидат забранети пакувања кои со двојни ѕидови, лажно дно или непотребни слоеви создаваат впечаток дека производот е поголем отколку што навистина е. Од 1 јануари 2030 ќе важат нови правила за големината на пакувањата. Производителите и увозниците ќе мора да обезбедат пакувањата да бидат што е можно помали.
Од февруари 2029 пакувањата за повеќекратна употреба ќе мора да бидат јасно означени и разликувани од оние за еднократна употреба. Тоа ќе важи и за продавниците и за онлајн продажбата.
Од 12 февруари 2027, угостителите ќе мора да прифаќаат и садови донесени од гостите.
Независно од европската регулатива, германскиот министер за финансии Ларс Клингбајл планира идната година да воведе такса за пластика, со што ќе се зголеми цената на користењето на овој материјал.



