Министрите за надворешни работи на ЕУ се очекува да поддржат суспензија на договорот за олеснување на визниот режим со Русија, објави „Фајненшл Тајмс“, повикувајќи се на тројца функционери вклучени во разговорите. Во ЕУ се дискутирало за ограничување на визите за руските граѓани, а некои земји членки барале и целосна забрана за туристички визи за Русите, но околу тоа не била постигната согласност.
Како прв чекор, министрите за надворешни работи ќе дадат поддршка за суспендирање на договорот меѓу ЕУ и Русија за олеснување на визниот режим, на состанокот во Прага во вторник и среда.
Суспензија ќе значи дека Русите веќе нема да имаат повластен третман при аплицирањето за виза во ЕУ и ќе им бидат потребни повеќе документи и ќе чекаат подолго на одобрување.
Во врска со забраната за визи за руски туристи, Кипар и Грција ѝ се приклучија на Германија која е против таква одлука, додека балтичките земји, Финска и Чешка се залагаат за целосна забрана за патувања.