ЕУ ОДОБРИ 6,1 МИЛИЈАРДИ ЕВРА ЗА ВООРУЖУВАЊЕ НА УКРАИНА И ПРЕДЛАГА ИСПОРАКА НА РАКЕТИ ПАТРИОТ ОД ЗАЛИХИТЕ НА ЗЕМЈИТЕ ЧЛЕНКИ

    ЕУ ОДОБРИ 6,1 МИЛИЈАРДИ ЕВРА ЗА ВООРУЖУВАЊЕ НА УКРАИНА И ПРЕДЛАГА ИСПОРАКА НА РАКЕТИ ПАТРИОТ ОД ЗАЛИХИТЕ НА ЗЕМЈИТЕ ЧЛЕНКИНедостигот од пресретнувачи Пaтриот, што ги изработува американскиот воен производител Локид Мартин, сериозно ја ограничи одбраната на Киев од балистички ракети, што Москва го користи за засилување на разорните удари. (Фото: ДПА)

    Европската Унија ќе ѝ обезбеди на Украина дополнителна помош од 6,1 милијарди евра за купување воена опрема, пред сè пресретнувачки ракети Патриот кои ѝ се неопходни за соборување на руските балистички ракети. Средствата, чие доделување беше соопштено во петокот, се обезбедени од заемот за поддршка од 90 милијарди евра, од кој за оваа година се предвидени 28,3 милијарди евра за воена помош и 16,7 милијарди евра за буџетска поддршка.

    За да се овозможи набавката на ракетите Патриот, кои се произведуваат во Соединетите Американски Држави, како и на беспилотни летала што користат кинески делови, укинат е условот опремата да биде исклучиво од европско производство. Новоодобрените 6,1 милијарди евра се последната распределба во рамките на пакетот за воена помош од 28,3 милијарди евра. Исплатите се спроведуваат постапно откако Брисел ќе ги провери договорите што Киев ги склучува со приватни компании, а досега за одбрана се исплатени 8,35 милијарди евра.

    Одлуката доаѓа во време кога сојузниците се обидуваат што побрзо да испратат противвоздушни системи за Украина, додека Русија ги засилува воздушните напади, вклучително и со дронови на млазен погон, пред зимата за која европските претставници очекуваат да биде најтешка од почетокот на војната. Украинскиот претседател Володимир Зеленски проценува дека на неговата војска ѝ се потребни околу 300 ракети Патриот за безбедно минување на претстојната зима.

    Недостигот од пресретнувачи Пaтриот, што ги изработува американскиот воен производител Локид Мартин, сериозно ја ограничи одбраната на Киев од балистички ракети, што Москва го користи за засилување на разорните удари. Дополнително оптоварување на производните капацитети предизвика и војната на Блискиот Исток. Времето за изработка на една ракета Патриот трае 24 месеци, а цената изнесува околу 4 милиони долари.

    За да се забрза процесот, Брисел се обидува да ги убеди земјите членки кои сè уште имаат ракети Патриот во своите национални залихи да ѝ ги отстапат на Украина, а за возврат да добијат замена преку испораките планирани за 2027 година.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира