Највисокиот суд на Европската Унија пресуди дека Брисел смее да им ги ускрати европските фондови на земјите-членки кои ги кршат слободите и владеењето на правото, отфрлувајќи ги жалбите од Полска и Унгарија.
Десничарските влади во двете земји, кои примаат големи суми од европските фондови, тврдеа дека таквите мерки немаат соодветна законска основа. Тие се најдоа под силни критики во изминатите години поради константното отстапување од основните демократски принципи на Унијата, при што се обвинуваат за нарушување на независноста на судството и медиумите.
„Судот во целост ги отфрла жалбите поднесени од Полска и Унгарија. Кога станува збор за демократските принципи, Европската Унија мора да ги брани тие вредности во рамките на своите овластувања“, соопшти Европскиот суд на правдата.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ја поздрави одлуката на судот.
„Комисијата ќе го брани буџетот на Унијата од кршењето на принципите на владеењето на правото. Ќе дејствуваме одлучно“, кажа таа.
Унгарската министерка за правда Јудит Варга ја нападна пресудата како политичка и додаде дека ЕУ ја злоупотребува својата моќ.