ЕВРОПА МОРА ДА ЈА НАМАЛИ ЗАВИСНОСТА ОД САД И НЕ ТРЕБА ДА СЕ МЕША ВО СПОРОТ ОКОЛУ ТАЈВАН, ВЕЛИ МАКРОН

    ЕВРОПА МОРА ДА ЈА НАМАЛИ ЗАВИСНОСТА ОД САД И НЕ ТРЕБА ДА СЕ МЕША ВО СПОРОТ ОКОЛУ ТАЈВАН, ВЕЛИ МАКРОНМакрон и на Шји му го претставил својот концепт за стратешка автономија на Европа (Фото: Гети)

    Европа мора да ја намали својата зависност од Америка и да избегне вовлекување во судир помеѓу Кина и САД околу Тајван, изјави францускиот претседател Емануел Макрон по враќањето од тридневната посета на Пекинг. Макрон, кој шест часа разговарал со кинескиот лидер Шји Џинпинг, ја истакна својата омилена теорија за „стратешка автономија“ на Европа, која, под можно водство на Франција, би станала трета суперсила.

    „Големиот ризик со кој се соочува Европа е да биде фатена во кризи кои не се наши, што, пак, ќе ја спречи да ја гради сопствената стратешка автономија“, кажа Макрон.

    Тој додава дека Шји и Комунистичката партија на Кина ентузијастички го прифатиле неговиот концепт за стратешка автономија. Кинеските партиски лидери и аналитичари се убедени дека западот е во пад, а Кина е во подем, што би можело да се забрза со ослабнувањето на трансатлантските односи.

    „Парадоксот би бил тоа што, во паника, веруваме дека сме само следбеници на Америка. Прашањето на кое Европејците сакаат одговор е дали е во наш интерес да се забрза кризата околу Тајван. Не! Најлошо би било да мислиме дека ние, Европејците, мора да станеме големи следбеници на оваа тема“, вели Макрон.

    Неколку часа по неговото заминување за Париз, Кина почна голема тридневна вежба околу Тајван, поттикната од средбата на тајванската претседателка Цаи Инг-Вен со спикерот на американскиот Претставнички дом, Кевин Мекарти. Кина денеска потврди дека на оваа вежба го симулира „запечатувањето“ на Тајван.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира