ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА ПРЕДЛАГА СЛОБОДЕН ВЛЕЗ ВО ЕУ САМО ЗА ВАКЦИНИРАНИ СО 2 ДОЗИ, И ТОА ЗАСЕГА СО ВАКЦИНИТЕ ОДОБРЕНИ ОД ЕМА И СЗО

    ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА ПРЕДЛАГА СЛОБОДЕН ВЛЕЗ ВО ЕУ САМО ЗА ВАКЦИНИРАНИ СО 2 ДОЗИ, И ТОА ЗАСЕГА СО ВАКЦИНИТЕ ОДОБРЕНИ ОД ЕМА И СЗОДо денес, ЕМА има одобрено само четири вакцини: „Фајзер/Бионтек“, „АстраЗенека“, „Модерна“ и „Јансен“ (Џонсон и Џонсон). (Фото: АП)

    Европската  комисија предлага земјите-членки да дозволат влез само за граѓаните на земји кои не се во Европската Унија (ЕУ) кои ги примиле двете дози на вакцините против ковид-18, а кои се одобрени од Европската агенција за лекови (ЕМА). До денес, Агенцијата има одобрено само четири вакцини: „Фајзер/Бионтек“, „АстраЗенека“, „Модерна“ и „Јансен“ (Џонсон и Џонсон).

    Ќе се прифатат и вакцините кои добија дозвола за итна употреба од Светската здравствена организација (СЗО). Оваа листа засега е иста со листата на одобрени вакцини од ЕМА, иако деновиве се очекува и одобрување за кинеските на „Синофарм“ и „Синовак“. Според последниот статус од 23 април, СЗО сè уште нема предвиден рок за одобрување на руската вакцина „спутник“ на институтот Гамалеа, таа одлука ќе се донесе откако ќе бидат поднесени сите податоци и завршени сите инспекции, од кои последните две се планирани за мај и јуни.

    Лицата кои ќе патуваат потребно е да ја примиле втората доза 14 дена пред поаѓањето.

    Комисијата, исто така, побара од членките да ги попуштат ограничувањата за патувања, како тестирање или карантин при пристигнување, за целосно вакцинираните туристи. Ова би важело и за граѓаните на ЕУ и за граѓаните на земји кои не се членки на Унијата. Покрај тоа, Комисијата предлага да се подигне прагот за влез на земји на списокот на оние од кои секое патување може да биде дозволено, се вели во соопштението на Европската комисија.

    Според сегашните регулативи на ЕУ, во една од 27-те земји-членки можат да патуваат само граѓаните од седум земји, но денешниот предлог сигурно ќе го прошири тој список. За да се ограничи ризикот од ширење на нови мутации на коронавирусот, Европската комисија понуди и нов механизам „итна сопирачка“, со кој ќе се овозможи итна примена на ограничувања за патувања за сите земји каде епидемиолошката состојба нагло ќе се влоши.

    Ова ќе им овозможи на земјите-членки да дејствуваат брзо и привремено да ги ограничат на строг минимум сите патувања од погодените земји за времето потребно за воспоставување соодветни санитарни мерки, се вели во соопштението. Земјите-членки на ЕУ би требало утре да почнат расправа за овој предлог и потребно е да се постигне целосна согласност за предлогот да биде усвоен и да стане важечки пропис.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира