ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА Ѝ ПРЕФРЛИ НА БУГАРИЈА 896 МИЛИОНИ ЕВРА ПО ИСПОЛНЕТИ УСЛОВИ ЗА БОРБА ПРОТИВ КОРУПЦИЈА

    ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА Ѝ ПРЕФРЛИ НА БУГАРИЈА 896 МИЛИОНИ ЕВРА ПО ИСПОЛНЕТИ УСЛОВИ ЗА БОРБА ПРОТИВ КОРУПЦИЈАМеѓу реализираните обврски кои беа услов за добивање на парите се зајакнувањето на владеењето на правото преку воспоставување независна Комисија за спречување на корупцијата, како и регулирањето на лобирањето. (архивска фотографија)

    Европската комисија префрли 896 милиони евра грант средства за Бугарија како дел од четвртата рата од Механизмот за заздравување и отпорност. Префрлањето на средствата следи по позитивната оценка за постигнатиот напредок во клучните реформи и инвестициски проекти.

    Меѓу реализираните обврски кои беа услов за добивање на парите се зајакнувањето на владеењето на правото преку воспоставување независна Комисија за спречување на корупцијата, како и регулирањето на лобирањето.

    Во делот на енергетиката, поддршката е насочена кон поставување на речиси 1.400 домашни сончеви системи за топла вода и фотоволтаици. Во транспортот се овозможени нови договори за јавни услуги во железницата и е воспоставена рамка за возила со ниска и нулта емисија на гасови.

    Бугарските власти го поднесоа барањето за четвртата транша во износ од 1,1 милијарда евра на 2 април 2026 година, со опфатени 26 пресвртни точки кои содржат 10 реформи и 12 инвестиции. Одобрението од Европската комисија пристигна на 18 јуни 2026 година.

    Сепак, преостанатите 200 милиони евра од барањето се привремено задржани. Брисел бара дополнителни чекори за целосната примена на законските измени во јавниот превоз, водоснабдувањето, канализацијата и поддршката за културниот сектор. Овие средства ќе бидат префрлени откако Софија ќе ги исполни преостанатите поставени цели.

    Со оваа исплата, Бугарија досега искористи 68 проценти од вкупно предвидените 6,17 милијарди евра од Механизмот. Со оглед на тоа што сите активности во рамките на овој инструмент завршуваат на крајот на 2026 година, сите земји членки треба да ги комплетираат преостанатите обврски до крајот на август 2026 година, а последните барања за исплата да ги испратат најдоцна до крајот на септември 2026 година.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира