Лидерите на Европската Унија го одблокираа буџетот од 1.800 милијарди евра, кој вклучува и финансиски пакет за заздравување од пандемијата на коронавирусот, откако постигнаа компромис со Унгарија и Полска, двете членки кои претходно ставија вето.
„Сега можеме да почнеме со спроведувањето и повторно да ги изградиме нашите економии. Овој историски пакет за заздравување ќе биде двигател на нашата зелена и дигитална транзиција“, изјави претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел.
Европската Унија падна во криза откако Унгарија и Полска не го прифатија новиот седумгодишен буџет на гласањето на 16 ноември, спротивставувајќи се на клаузулата која одобрувањето на фондовите го услови со почитување на владеењето на правото и демократските норми. На тој начин беше блокиран и економскиот пакет од 750 милијарди евра, што требаше да се подели меѓу земјите-членки во вид на грантови и заеми.
Унгарија кажа дека постигнатиот договор спречува буџетот да се користи за политички напади и ги вклучува сите гаранции побарани од Будимпешта и Варшава, додека шведскиот премиер Штефан Левен изјави дека тој не го менува оригиналниот механизам за почитување на владеењето на правото.