ФЕДЕРАЛЕН СУДИЈА ЈА УКИНА ЗАБРАНАТА НА ТРАМП ЗА ИСЕЛЕНИЧКИ ВИЗИ ЗА 75 ЗЕМЈИ, МЕЃУ КОИ Е И МАКЕДОНИЈА

    ФЕДЕРАЛЕН СУДИЈА ЈА УКИНА ЗАБРАНАТА НА ТРАМП ЗА ИСЕЛЕНИЧКИ ВИЗИ ЗА 75 ЗЕМЈИ, МЕЃУ КОИ Е И МАКЕДОНИЈАОд Стејт департментот соопштија дека администрацијата го штити американскиот народ преку примена на највисоки стандарди за проверка на кандидатите, додавајќи дека нема да ги коментираат судските постапки кои се во тек. (Фото: Стејт Департмент)

    Федерален судија во Соединетите Американски Држави ја поништи забраната на администрацијата на Доналд Трамп за издавање имигрантски визи за граѓани од 75 земји, меѓу кои се наоѓа и Македонија, оценувајќи дека ваквата мерка го прекршува федералниот закон за имиграција со тоа што врши дискриминација врз основа на националност.

    Стејт департментот претходно годинава го прекина издавањето имигрантски визи за државјаните на 75 земји, со образложение на администрацијата дека постои веројатност дојденците од тие држави да користат јавна помош во САД, односно со цел да се спречи одлевањето финансиски средства од американскиот народ.

    Окружната судијка Џенет А. Варгас од Јужниот округ на Њујорк пресуди дека мерката го оневозможувала одобрувањето визи дури и во случаи кога конзуларните службеници при поединечна проценка утврдиле дека барателите се финансиски самостојни. Судијката образложи дека Законот за имиграција и националност од 1952 година забранува дискриминација според национална припадност при издавањето имигрантски визи, додека политиката на Белата куќа воведувала забрана исклучиво според потеклото на кандидатите.

    Судијката се повика на американска дипломатска депеша со која им било наредено на конзулатите да ги одбиваат визите дури и на одобрените кандидати чии испечатени документи сè уште не биле изнесени од конзуларните претставништва. Според одлуката на судот, мерката е спротивна на законот и ги надминува овластувањата на државниот секретар Марко Рубио, со што забраната целосно се поништува заедно со сите одбивања донесени по тој основ.

    Од Стејт департментот соопштија дека администрацијата го штити американскиот народ преку примена на највисоки стандарди за проверка на кандидатите, додавајќи дека нема да ги коментираат судските постапки кои се во тек. Оваа забрана беше дел од пошироките напори на администрацијата на Трамп за ограничување на легалната и нелегалната имиграција, откако во јуни Врховниот суд го потврди уставното право на стекнување државјанство со раѓање и ја отфрли извршната наредба со која се спречуваше добивање државјанство за деца чии родители немаат регулиран престој или поседуваат привремени визи.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира