Озлогласен француски криминалец кој отслужува казна затвор од 25 години за убиство, денеска изведе смело бегство, откако неколку тешко вооружени мажи со хеликоптер слетале во дворот на затворот, го ослободиле од собата за посета и го однеле. Ова беше второ смело бегство од Редоан Фаид, кој еднаш избегал од друг затвор со експлозиви скриени во пакети со марамчиња.
Неговото најново бегство, од затворот Ро, траеше само неколку минути, соопшти француското Министерство за правда. Невооружените чувари рекоа дека не можеле да сторат ништо за да го спречат.
Облечени во црно, двајца мажи со балаклави на главите и полициски ракавици се симнаа од хеликоптер и влегоа во затворот за да го бараат Фаид. Тие со машина за мелење ја отвориле вратата во просторијата за посета, фрлиле канистри со чад за да се скријат од видеокамерите, а хеликоптерот се спуштил во единствениот дел од комплексот што не е покриен со анти-хеликоптерско пробивање. Кога пристигнал хеликоптерот, Фаид имал средба со брат му во собата за посета. Трет човек го држел пилотот на нишан со пиштол, а го зеле заложник во летачки клуб во регионот на Париз. Подоцна бил ослободен без физички повреди. Хеликоптерот бил пронајден запален во градот Гарж-ле-Гонес, во северните предградија на Париз. Се смета дека Фаид заминал со автомобил заедно со неговите соучесници.
Француските обвинители отвориле истрага за бегството. Иследниците попладнево го испитуваа братот на Фаид.
46-годишниот Фаид е в затвор за смртта на еден млад полицаец убиен во 2010, за време на неуспешен грабеж. Во 1990-тите, тој водеше банда која ограбувала банки и оклопни комбиња. Тој беше уапсен во 1998 по три години во бегство во Швајцарија и Израел. Фаид беше ослободен во 2009, откако отслужи 10 години. Во тоа време се колнеше дека си го пресвртел животот, напиша исповедна книга за својот живот како криминалец и беше на голема медиумска турнеја во 2010. Сепак, тој беше осомничен за планираниот обид за вооружен грабеж во 2010 што доведе до брканица и престрелка со полицијата, во која загина 26-годишниот Аурели Фуке. Фаид беше уапсен во 2011.