Руската нафтена компанија „Гаспром“ објави дека прекинала да испорачува гас во Полска и Бугарија откако двете земји одбиле да плаќаат во рубли. „Гаспром“ соопшти дека не примил никакви исплати од 1 април, поради што од денеска го суспендира снабдувањето на Полска и Бугарија.
Двете земји кажаа дека претходно добиле официјално известување дека испораките ќе бидат прекинати денеска во осум часот по македонско време, но утрово тие сè уште примаа гас од Русија, иако имало краток прекин во Полска.
Ова следува откако Владимир Путин побара од „непријателските“ држави да плаќаат за рускиот гас во рубли како одговор на западните санкции за војната во Украина, но досега се казнети само Полска и Бугарија.
Полската државна нафтена компанија „ПГНИГ“ потврди дека испораките на рускиот гас во земјата сега се прекинати. Иако увезуваше половина од својот гас преку „Гаспром“, Полска кажа дека ќе се снајде без рускиот гас и дека државните подземни складишта се полни речиси 80%.
Бугарија кажа дека однапред платила за испораките за април и го обвини „Гаспром“ за кршење на договорот.
„Во моментов, природниот гас се користи како политичко и економско оружје во војната. Бугарија ја следеше позицијата на ЕУ и одби да плати за рускиот гас во рубли“, изјави министерот за енергетика Александер Николов и додаде дека земјата веќе има обезбедно гас од други извори за мај.