ГЕРМАНИЈА, ХОЛАНДИЈА И ЧЕШКА ЦЕЛОСНО СЕ ЗАТВОРААТ ЗА ПРАЗНИЦИТЕ, ИТАЛИЈА И АВСТРИЈА СО ПОЛИЦИСКИ ЧАС ЌЕ СПРЕЧУВААТ СОБИРИ

    ГЕРМАНИЈА, ХОЛАНДИЈА И ЧЕШКА ЦЕЛОСНО СЕ ЗАТВОРААТ ЗА ПРАЗНИЦИТЕ, ИТАЛИЈА И АВСТРИЈА СО ПОЛИЦИСКИ ЧАС ЌЕ СПРЕЧУВААТ СОБИРИЕвропските лидери им порачаа на своите жители да очекуваат поинаков Божиќ оваа година (Фото: ЕПА)

    Холандија и Чешка ќе ја следат Германија со воведување на второ големо затворање за време на празниците, додека Италија размислува за слични мерки за да избегне ново ширење на коронавирусот во наредниот период.

    Во ретко телевизиско обраќање, холандскиот премиер Марк Руте објави дека сите несуштински продавници и бизниси, теретани, музеи, кина и театри ќе бидат затворени на пет недели, откако седумдневниот просек на бројот на нови случаи на коронавирус порасна за 40% оваа недела. Училиштата нема да работат од утре до 19 јануари.

    Холандија ги затвори баровите и рестораните уште во октомври, но делумниот карантин не го спречи доволно ширењето на заразата.

    „Холандија ќе се затвори на пет недели. Ние си немаме работа со обичен грип како што мислат некои луѓе“, изјави Руте во парламентот и ги советуваше луѓето да седат дома и да не примаат повеќе од двајца гости.

    Рестораните и хотелите во Чешка повторно ќе бидат затворени од овој петок, собирите се ограничуваат на само шест луѓе, а полициски час ќе биде на сила од 23 до пет часот.

    „Оваа година, Божиќ ќе биде сосема поинаков, но тоа е резултат на ситуацијата во која што се наоѓаме“, изјави чешкиот премиер Андреј Бабиш.

    Германија претходно прогласи целосно затворање од 16 декември до 10 јануари.

    Италија моментално се соочува со најголемата смртност од ковид-19 од крајот на март. Премиерот Конте им порача на Италијанците да очекуваат потрезен Божиќ и да избегнуваат да се собираат, гушкаат и бакнуваат. Поради полицискиот час од 22 до пет часот, нема да бидат дозволени ни полноќните миси за Божиќ, а Конте ги забрани и патувањата меѓу региони од 21 декември до 6 јануари.

    Австрија излезе од вториот карантин на 7 декември, но рестораните, баровите и хотелите ќе останат затворени за празниците, а општата забрана за движење е на сила од 20 до шест часот.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира