Германија одлучи да испрати тенкови „леопард 2“ во Украина и да им дозволи на други земји како Полска да го направат истото, додека САД би можеле да испратат тенкови „абрамс“, изјави извор запознат со ситуацијата. Портпаролите на германската влада и на министерството за одбрана одбија да го коментираат ова.
Киев со месеци бара западни тенкови, сметајќи дека тие ќе му ја дадат потребната огнена моќ против руската инвазија и експертите истакнуваат дека германските тенкови „леопард“ се најсоодветен избор зашто ги има во доволен број и лесно се достапни. Полска денеска испрати и формално барање до Берлин за испраќање 14 тенкови „леопард“ во Украина.
Во исто време, двајца американски функционери кажаа дека и Вашингтон би можел да попушти и да испрати неколку тенкови „абрамс“ во Украина, што има за цел да ги охрабри сојузниците. Деталите за ова и натаму се разработуваат.
Германија досега беше воздржана во однос на тенковите, сметајќи дека тоа би значело ескалација на војната. Началникот на генералштабот на германската војска кажа дека ова е чисто политичка одлука, што ќе ја донесе канцеларот Шолц.