Првпат во неколку недели, Германија ќе олесни некои од рестрикциите воведени поради коронавирусот.
Германија деновиве објави дека го ставила ширењето на заразата под контрола, па на помали дуќани, книжарници, гаражи и на продавници за велосипеди повторно ќе им биде дозволено да работат, но правилото за социјално дистанцирање и натаму ќе мора да се почитува.
Училиштата остануваат затворени, но постепено ќе продолжат предавањата на универзитетите и ќе можат да се полагаат испити, при што предност ќе имаат студентите кои треба да дипломираат ова лето.
Во последните 24 часа, во Германија има 1.775 нови случаи на коронавирус, како и 110 починати, со што вкупната бројка порасна на 4.404.
Чешка објави дека од денеска ќе почне да ги олеснува рестрикциите во патувањата. Границите првично ќе се отворат за бизниси, а владата дури им порача на граѓаните дека ова лето би можеле да одат на одмор во Хрватска, која им е омилена летна дестинација. Секое лето, околу еден милион Чеси ја посетуваат Хрватска.