Дополнителни полициски сили се испратени да го обезбедуваат карантинот во еден станбен блок во Гетинген, откако во саботата имаше насилни обиди за излегување, при што беа повредени неколкумина полицајци.
Седумсто луѓе се ставени во карантин и 200 од нив се судрија со полицијата, која беше гаѓана со пиротехника, шишиња и метални предмети. Карантинот беше воведен во четвртокот откако двајца жители имаа позитивен тест на коронавирус. Бројот на заразените порасна на 120 наредниот ден. На сите кои имаат два негативни теста ќе им биде дозволено да го напуштат блокот.
Германските медиуми претходно пишуваа дека ширењето на коронавирусот во Гетинген се должи на семејните прослави на Рамазан Бајрам.
Друго големо жариште во Германија е кланицата во Гитерслох, каде што се откриени 1.331 случај на коронавирус, а 6.500 вработени и членови на нивните семејства се ставени во карантин.
„За среќа, ширењето на заразата е ограничено на фабриката на ‘Тонес‘ и можеме да се справиме со ова со ограничен карантин“, изјави премиерот на Северна Рајна-Вестфалија, Армин Лашет.
Голем број од вработените во овој погон се странци, главно Полјаци, Бугари и Романци.