Доналд Трамп ѝ се обрати на јавноста по завршувашето на историскиот самит со Ким Џонг-Ун во Сингапур, што го опиша како „продуктивен, директен и искрен“ и изјави дека очекува процесот на денуклеаризација на корејскиот полуостров да започне многу бргу.
Трамп и Ким прво разговараа во четири очи, а откако со состанокот продолжија нивните соработници, тие прошетаа во градината. Американскиот претседател го опиша самитот како добар вовед во мир, но и кажа дека „санкциите кон Северна Кореја остануваат на сила сѐ додека нуклеарното оружје веќе не биде фактор“.
САД, исто така, нема да го намалат своето воено присуство во регионот, но ќе ги прекинат воените вежби со Јужна Кореја, кои постојано го иритираа Ким.
„Тие воени игри беа провокативни и, исто така, ги чинеа САД премногу пари. Тие ќе бидат стопирани, сѐ додека преговорите со Северна Кореја се одвиваат според план. Сега преговараме за многу сложен договор и несоодветно е да имаме воени игри“, кажа Трамп.
Запрашан дали на состанокот се зборувало за човекови права во Северна Кореја, тој рече дека оваа тема била спомната на кратко.
„Верувам дека ситуацијата таму е тешка, но главната тема на состанокот беше денуклеаризација. Овојпат, немавме време за многу детали“.
Трамп додаде дека не сакал да звучи заканувачки на состанокот со Ким, а својата поранешна реторика на „оган и бес“ ја опиша како соодветна за тоа време.
Тој кажа дека би сакал да го посети Пјонгјанг и дека ќе го покани Ким на посета, но кога ќе дојде време за тоа.