Кремљ ги отфрли шпекулациите дека Владимир Путин ќе ѝ објави војна на Украина и ќе прогласи општа мобилизација на 9 мај, кога Русија го одбележува својот најголем празник, Денот на победата над фашизмот.
Путин ги нарекува руските акции во Украина како специјална воена операција, а не војна и западни функционери шпекулираа дека тој подготвува голема објава в понеделник, вклучувајќи формално прогласување војна.
„Нема шанси, тоа е глупост“, кажа портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков.
Се очекува Путин да одржи говор и да надгледува воена парада на Црвениот плоштад во Москва.
Русија истовремено го предупреди НАТО дека ќе ги напаѓа сите пратки со оружје наменети за Украина.
„НАТО продолжува да ја пумпа Украина со оружје. Секој транспорт на оружје и воена опрема на територијата на Украина ќе го сметаме за легитимна цел за уништување“, кажа рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу.