Новак Ѓоковиќ ќе мора да се придржува до шпанските здравствени правила доколку сака да патува во Шпанија, изјави премиерот Педро Санчес. Запрашан дали на Ѓоковиќ ќе му биде дозволено да се натпреварува во Шпанија откако Австралија во неделата го депортираше бидејќи не е вакциниран против ковид-19, Санчес одговори:
„Секој спортист кој сака да игра во нашата земја мора да се придржува до здравствените правила во Шпанија“.
Ѓоковиќ, кој вчера се врати во Србија откако не му беше дозволено да игра на Отвореното првенство на Австралија, редовно патува во Шпанија, каде што поседува куќа во јужното одморалиште Марбеља. Тој помина таму неколку дена на крајот на декември и во почетокот на јануари, податок што се обидел да го сокрие од австралиските гранични власти, давајќи лажна изјава дека не патувал 14 дена пред доаѓањето во Мелбурн.
Според шпанските правила, за влез во земјата потребен е доказ за вакцинирањето, негативен ПЦР тест или потврда за прележан ковид-19. Вакцинирањето не е задолжително во Шпанија, но земјата ја има една од највисоките стапки во Европа.