Британската Национална здравствена служба (НХС) започна големо истражување за да утврди дали вештачката интелигенција (ВИ) може да помогне во пораното откривање на ракот на дојка. Во студијата ЕДИТХ ќе учествуваат 660.000 жени од Обединетото Кралство, а ќе се испитува како ВИ може да им помогне на медицинските експерти при анализа на мамографските снимки.
Учесничките ќе бидат поделени во три групи: едната ќе помине низ стандардниот скрининг, при кој снимките ги проверуваат двајца експерти, додека другите две ќе бидат подложени на скрининг со помош на ВИ. Секоја снимка ќе биде прегледана од најмалку еден медицински експерт.
„Сакаме да провериме дали експертите на НХС кои работат со ВИ постигнуваат подобри резултати отколку без неа“, соопшти Универзитетот Ворвик, кој заедно со Универзитетот Кембриџ ја предводи студијата.
Истражувањето е финансирано од Националниот институт за здравствени истражувања и има цел да утврди дали примената на ВИ може да го подобри раното откривање на ракот и ефикасноста на скрининг-програмите.
„Вештачката интелигенција има огромен потенцијал за подобрување на лекувањето, поради што ни се потребни вакви истражувања за да се осигуриме дека ја користиме на најефикасен начин, со соодветни заштитни мерки“, изјави британската министерка за здравство Ивет Купер.
Резултатите ќе бидат објавени во научни списанија и споделени со британската влада и здравствените служби за да се процени можноста за воведување на ВИ во националните скрининг-програми.



