Контроверзен градоначалник од Филипини, кој јавно покажуваше луѓе уапсени за дрога, беше убиен со снајперски истрел за време на церемонијата на кревање знаме пред градското собрание во градот Танауан.
Антонио Халили беше погоден со еден куршум во градите од непознат напаѓач, а целиот инцидент беше снимен со камера од еден вработен во собранието.
Во моментот кога е погоден, Халили е снимен како стои покрај свои колеги, кои ја пеат химната, додека се крева знамето.
Џери Ларесма, кој го снимил видеото, вели дека не е сигурен од каде беше пукано. Тој откри дека Халили примал смртни закани поради неговата жестока борба против наркодилери.
Халили бил прогласен за мртов во болница еден час подоцна.
Тој беше голем сојузник на филипинскиот претседател Дутерте и со помош на 70-члена антикриминална група се бореше против трговијата со дрога во својот град, организирајќи паради на уапсените.