ГРЧКИТЕ СТОЧАРИ ЗЕМАЛЕ СУБВЕНЦИИ ОД ЕУ ЗА ДЕСЕТИЦИ ИЛЈАДИ НЕПОСТОЕЧКИ КРАВИ, ЕВРОПСКОТО ОБВИНИТЕЛСТВО ИСТРАЖУВА МАСОВНА ИЗМАМА

    ГРЧКИТЕ СТОЧАРИ ЗЕМАЛЕ СУБВЕНЦИИ ОД ЕУ ЗА ДЕСЕТИЦИ ИЛЈАДИ НЕПОСТОЕЧКИ КРАВИ, ЕВРОПСКОТО ОБВИНИТЕЛСТВО ИСТРАЖУВА МАСОВНА ИЗМАМАПоради аферата, властите во Атина најавија воведување нови системи за контрола, меѓу кои и електронско следење на стоката. (Фото: Пекселс)

    Грчките сточари во 2024 година побарале и добиле субвенции од Европската Унија за десетици илјади животни повеќе отколку што покажуваат официјалните државни евиденции, стои во анализата на владините податоци што ја објави „Политико“. Ваквите сознанија се закануваат дополнително да го прошират скандалот со злоупотреба на земјоделските фондови во Грција.

    Според официјалните податоци на Министерството за земјоделство, во 2024 година биле исплатени европски субвенции за околу 260.000 крави за молзење. Бидејќи кравата обично раѓа по едно теле годишно, сточниот фонд требало да се зголеми за приближно ист број телиња. Истата година биле заклани околу 70.000 грла добиток кои исто така се квалификуваат за помош, додека според проценките на одгледувачите, околу 20 проценти од стадото (приближно 120.000 животни) се отстрануваат поради болест или старост. Овие пресметки укажуваат дека националниот фонд требало да се зголеми за околу 70.000 грла. Наместо раст, податоците на државниот завод за статистика ЕЛСТАТ покажуваат континуиран пад на вкупниот број говеда, од 640.000 во 2023 година на 600.000 во 2024 и на 520.000 во 2025 година.

    Огромни отстапувања се евидентирани и кај овците и козите. ЕЛСТАТ пријавил популација од околу 8,8 милиони животни во 2025 година, додека во владиниот ветеринарен информативен систем биле регистрирани дури 15,7 милиони грла. Претседателот на Здружението на сточари од Кавала, Никос Димопулос, вели дека во земјата нема соодветен надзор и оти реалната слика ќе се знае само доколку се спроведе целосен попис на добитокот. Службеници од ресорното министерство признаваат дека нема сигурен регистар и дека исплатите се прават врз основа на несигурни податоци од општините.

    Жалби за овие нерегуларности веќе се доставени до Европското јавно обвинителство (ЕППО) од страна на земјоделски здруженија и партијата Елас на поранешниот премиер Алексис Ципрас. Европското обвинителство веќе води десетици случаи поврзани со незаконско доделување европски пари за пасишта што не се во сопственост на корисниците или за земјоделска активност што никогаш не се извршила.

    Во јули, обвинителството покрена обвинение против 22 лица, меѓу кои и четворица пратеници од владејачката Нова демократија, чии судења почнуваат во октомври. Во истрагите се наведува дека ветеринари и службеници од затворената агенција за исплата на субвенции ОПЕКЕПЕ внесувале лажни бројки на животни во официјалниот систем за да се обезбедат поголеми финансиски средства.

    Поради аферата, властите во Атина најавија воведување нови системи за контрола, меѓу кои и електронско следење на овците и козите со специјални стомачни капсули. Во март, Грција достави акциски план до Европската комисија за спречување на злоупотребите, а европскиот комесар за земјоделство Кристоф Хансен соопшти дека е постигнат одреден напредок, но дека останува уште многу работа за целосно расчистување на состојбите.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира