ГРЧКИТЕ ВЛАСТИ НЕМААТ ОБЈАСНУВАЊЕ КАКО ДРОН НАПОЛНЕТ СО ЕКСПЛОЗИВИ ЗАВРШИЛ ПОКРАЈ ЛЕФКАДА, СЕ ВЕРУВА ДЕКА Е УКРАИНСКИ

    ГРЧКИТЕ ВЛАСТИ НЕМААТ ОБЈАСНУВАЊЕ КАКО ДРОН НАПОЛНЕТ СО ЕКСПЛОЗИВИ ЗАВРШИЛ ПОКРАЈ ЛЕФКАДА, СЕ ВЕРУВА ДЕКА Е УКРАИНСКИДронот наводно бил опремен со 100 килограми експлозив и три детонатори (Фото: Катимерини)

    Грчките власти ја засилуваат истрагата откако дрон наполнет со експлозиви беше пронајден покрај популарниот јонски остров Лефкада. Истрагата, во која учествуваат специјализирани воени тимови, беше проширена викендов, откако пиротехничари го детонираа дронот на море.

    Грчкиот министер за одбрана Никос Дендијас кажа дека поморскиот дрон, за кој се верува дека е од украинско потекло, сигурно дошол од друга држава, без да ја идентификува.

    „Знаеме што е тоа и повеќе или помалку знаеме што содржи“, кажа Дендијас.

    Се верува дека дронот дошол блиску до брегот на Лефкада кога неговите оператори изгубиле контрола и уредот излегол од курсот. Го пронашол еден рибар во пештера минатиот четврток.

    По ова се појавија извештаи дека дронот со долг дострел бил опремен со 100 килограми експлозив, три детонатори, но и со напредна технологија. Грчките власти одбија да потврдат дека на дронот имало муниција.

    „Грција ќе ги преземе сите потребни чекори за да се осигури дека Медитеранот нема да стане сцена за воени операции“, изјави грчкиот министер за надворешни работи Јоргос Герапетритис.

    Истражителите не ја исклучија поврзаноста на дронот со напади врз бродови од руската „флота во сенка“, какви што имаше неколку во последните месеци.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира