Грција од 1 јули ќе ги отвори сите аеродроми за патници од странство, како и 7 копнени гранични премини, меѓу кои и Евзони на македонско-грчката граница, потврди портпаролот на грчката влада Стелиос Пецас, но засега нема информација дали преминот ќе биде отворен за македонски државјани. Утре Европската унија треба да ја определи конечната листа на земји за кои ќе ги отвори границите и таа листа ќе биде ревидирана на секои две недели. За да влезе една земја на листата, епидемиолошката состојба со коронавирусот треба да биде соодветна или подобра од просекот на Европската унија.
Грција вчера ги објави протоколите според кој од 1 јули ќе можат да влегуваат туристите во земјата. Според протоколите за пристигнувања во Грција, задолжителни за сите патниците ќе треба да имаат пополнето образец достапен на специјалната интернет страница https://travel.gov.gr/#/. Откако во неколку чекори ќе ги пополнат сите потребни податоци, ќе добијат единствен баркод (QR code), според кој ќе се врши и селекција на патниците и кои ќе бидат тестирани за Ковид-19. Образецот во електронска или отпечатена верзија ќе треба посетителите да го покажат при пристигнувањето на граничниот премин, на аеродромот или на пристаништето.
Во зависност од кодот патниците или ќе бидат однесени во делот за тестирање или ќе им биде дозволено да го продолжат патувањето кон нивната крајна дестинација, но ќе добијат информации и упатства од граничните службеници што би требало да направат во случај да им се појават симптоми.
На граничните премини ќе бидат присутни мобилни единици на Национална организација за јавно здравје на Грција кои ќе ги вршат тестирањата за КОВИД-19 по случаен избор. Тестираните лица, потребно ќе биде да останат еден ден во самоизолација во хотелот или туристичкиот објект каде што ќе бидат сместени, сѐ додека да ги добијат резултатите од тестот. Доколку е негативен ќе го продолжат одморот. Во случај да е позитивен, 14 дена ќе бидат во државен карантин во специјално одредените хотели-карантини.