ГРЦИЈА ОЧЕКУВА 150 АВИОНИ СО СТРАНСКИ ТУРИСТИ ВО ПРВИТЕ ДВА ДЕНА ОТКАКО ДЕНЕСКА ЈА ОТВОРИ ЛЕТНАТА СЕЗОНА

    ГРЦИЈА ОЧЕКУВА 150 АВИОНИ СО СТРАНСКИ ТУРИСТИ ВО ПРВИТЕ ДВА ДЕНА ОТКАКО ДЕНЕСКА ЈА ОТВОРИ ЛЕТНАТА СЕЗОНАГрција се надева дека летово ќе успее да постигне половина од посетеноста од пред две години (Фото: АП)

    Грција очекува над 150 меѓународни летови да пристигнат денеска и утре на 14-те регионални аеродроми откако ја стартуваше долгоочекуваната туристичка сезона, која треба да ги ублажи последиците од пандемијата на коронавирусот.

    „Го креваме сидрото“, изјави министерот за туризам Харис Теохарис, откако и официјално ја прогласи летната сезона за отворена.

    „Ги оставаме зад нас мрачните облаци на страв и несигурност. Странските туристи едвај чекаат да се вратат во нашата земја, желни за сонце и тиркизни води“, кажа Теохарис.

    Првите 40-ина авиони со странски туристи треба да слетаат денеска, а за утре се најавени уште 110.

    Минатата година, Грција забележа пад на посети од 78,2%, од рекордни 34 милиони гости во 2019 на само 7,4 милиони. Грција се надева дека летово ќе успее да постигне половина од посетеноста од пред две години.

    „Очекуваме само 15-20% од хотелите да бидат отворени овој петок, додека останатите постепено ќе се отвораат до крајот на јуни“, изјави претседателот на Грчката федерација на хотелиери, Григорис Тасиос.

    Грција планира во наредните шест недели да го доврши вакцинирањето на целото население на островите, а влез во земјата ќе им биде дозволен и на туристите вакцинирани со кинеска или руска вакцина, иако тие засега не се одобрени во ЕУ.

    Граничниот премин Евзони на грчко-македонската граница сè уште е затворен и не се пропуштаат возилата накај Грција, иако беше најавено и од грчка и од македонската страна дека денеска ќе биде отворен. Неофицијално, грчката полиција сè уште нема добиено протокол како да ги пропушта возилата, па на граничниот премин се направи редица од возила кои чекаат на влез во Грција.

    Во редицата имаше најмногу македонски и српски возила. Дел се откажаа од чекање и се вратија назад. Српските возила тргнаа за Бугарија, бидејќи таму за нив е отворена границата, додека Македонците ќе почекаат да се отвори граничниот премин Евзони.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира