ГРЦИЈА ВОВЕДУВА ЗАДОЛЖИТЕЛНО ВАКЦИНИРАЊЕ ПРОТИВ КОВИД-19 ЗА ЛИЦАТА НАД 60 ГОДИНИ

    ГРЦИЈА ВОВЕДУВА ЗАДОЛЖИТЕЛНО ВАКЦИНИРАЊЕ ПРОТИВ КОВИД-19 ЗА ЛИЦАТА НАД 60 ГОДИНИНовата мерка стапува на сила на 16 јануари (Фото: АФП)

    Вакцинирањето против ковид-19 ќе стане задолжително за лицата над 60 години во Грција, а сите од оваа возрасна група кои ќе одбијат да се вакцинираат ќе се казнуваат со по 100 евра месечно. Мерката ќе стапи на сила на 16 јануари.

    Властите се решија за ваков драстичен чекор додека земјата повторно се бори со пораст на бројот на заразени. Околу 63% од грчкото население е целосно вакцинирано. Се проценува дека меѓу невакцинираните има 520.000 лица постари од 60 години.

    „Се фокусираме на нашите напори да ги заштитиме нашите граѓани и од таа причина, вакцинирањето отсега ќе биде задолжително за оваа возрасна група. Грците над 60 години кои не се имунизирани мораат до 16 јануари да си закажат термин за прва доза. Во спротивно, ќе се казнуваат со 100 евра секој месец“, изјави премиерот Кирјакос Мицотакис.

    Грција се ближи кон бројката од еден милион заразени од почетокот на пандемијата, а над 18.000 починаа од ковид-19. Од овој месец, на невакцинираните им е забрането да одат во ресторани, кина, музеи и теретани, дури и ако имаат негативен тест.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира