ГУСТИОТ СНЕГ ЈА ЗАВЕА СВЕТСКАТА ПОЛИТИЧКА ЕЛИТА ВО ДАВОС

    ГУСТИОТ СНЕГ ЈА ЗАВЕА СВЕТСКАТА ПОЛИТИЧКА ЕЛИТА ВО ДАВОССпоред организаторите на Форумот, ова се најголемите снежни врнежи во Давос во последните 20 години (Фото: Гети)

    Глобалната економија и геополитичките тензии паднаа во втор план пред актуелниот проблем што го погоди Светскиот економски форум во Давос: големиот снег што буквално го затрупа градот.

    Сместен високо во швајцарските Алпи, голем број од околу 3.000 учесници на Форумот едвај успеаја да стигнат до овој скијачки центар. Дел од железничката линија до Давос беше затрупан со снег во текот на викендот, принудувајќи луѓе да користат автобуси, додека хеликоптерите беа приземјени поради слаба видливост.

    Голем број од околу 3.000 учесници на Форумот едвај успеале да се пробијат до Давос

    Некои состаноци што требаше да се одржат во пресрет на Форумот беа откажани или одложени, откако првиот бран делегати пристигна во завеаниот град со багаж во рацете.

    Шефот на комуникациите на Светскиот економски форум, Адријан Монк, кажа дека ова се најголемите снежни врнежи во Давос во последните 20 години, но додаде дека тие повеќе предизвикуваат непријатности, отколку вистинска закана за учесниците.

    „Знаеме дека снегот може да предизвика непријатности и да создаде голем притисок врз градот како домаќин, но засега никој не го откажа учеството“, изјави Монк.

    За денеска е најавено расчистување на времето, па организаторите очекуваат и сообраќајот да почне да се одвива без проблеми. Обраќањето на Доналд Трамп е најавено за петок.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира