На пунктот за вакцинирање во Белградскиот саем денеска редовите за вакцинација се подолги од вообичаено.
Како што јави агенцијата „Фонет“, најмногубројни таму се граѓани од Македонија, Црна Гора и БиХ, а многумина од нив не се ни пријавени за вакцинација преку системот е-управа. За агенцијата тие велат дека не веруваат дека брзо стигнат на ред за вакцинирање во своите земји, па дошле во Белград да ја искористат можноста која Србија ја нуди за вакцинирање на странски државјани.
Претседателот на Српската стопанска комора (ПКС) Марко Чадеж денеска кажа дека на списокот за вакцинација во Белград и Ниш се 7.500 стопанственици од регионот, а најголем дел од нив се од Македонија, БиХ и Црна Гора.
Заменик градоначалникот на Белград Горан Весиќ, пак, рече дека вакцинацијата на стопанствениците од регионот нема да влијае на процесот на вакцинација на српските граѓани, затоа што ПКС ги набавила вакцините преку посебен фонд.
Стопанствениците од Македонија викендов се вакцинираат во Ниш, додека од Бих и од Црна Гора во Белград.
Македонското МВР соопшти дека денеска на граничниот премин Табановце до 10 часот од земјава излегле 2.139 лица, а влегле 1.095 лица.