Косовскиот претседател Хашим Тачи е обвинет за воени злосторства од Специјалното меѓународно обвинителство во Хаг.
„Тачи и уште деветмина се криминално одговорни за речиси 100 убиства“, објавија од канцеларијата на Специјалното обвинителство (СПО), откривајќи дека меѓу нив е и Кадри Весели, поранешен претседател на Собранието на Косово и лидер на Демократска партија.
Обвинувањата, кои се однесуваат на војната за независност на Косово во 1998-1999 година, треба да бидат потврдени од Специјалниот суд за Косово во Хаг, пред да станат и формални. Тачи ги негираше сите обвинувања.
„Ова обвинение е резултат на долготрајни истраги и го одразува уверувањето на Обвинителството дека без сомнение може да ги докаже сите обвинувања. Жртвите на кривичните дела од обвинението се стотици лица чиј идентитет е познат и меѓу нив има косовски Албанци, Срби и Роми, како и политички противници“, се вели во соопштението на СПО.
Оттаму додаваат дека биле принудени да издадат јавно соопштение за обвинението поради „континуираните обиди на Тачи и Весели да ја попречуваат и подриваат работата на Специјалниот суд“.