Шансите на сѐ уште актуелниот холандски премиер Марк Руте да биде нов генерален секретар на НАТО значително пораснаа откако тој денеска доби поддршка од САД, Велика Британија, Франција и Германија. Сегашниот шеф Јенс Столтенберг има мандат до октомври.
„Претседателот Бајден силно ја поддржува кандидатурата на Руте. Тој има длабоко разбирање на важноста на алијансата и е природен лидер и комуникатор“, изјави еден американски функционер.
Холандскиот премиер со најдолг стаж имаше добри односи со разни британски, европски и американски лидери во своите мандати, вклучувајќи го и Доналд Трамп. Викендов, тој ги повика европските лидери да престанат да се жалат и кукаат поради Трамп и да се фокусираат на тоа како да се помогне одбраната на Украина.
Тројца дипломати кажаа дека Руте има поддршка од 20-ина членки на НАТО, но договор засега не е постигнат. Шефот на НАТО се избира со консензус.
Покрај Руте, кандидатура најавија и естонската премиерка Каја Калас и летонскиот министер за надворешни работи Крисјанис Каринс.