Холанѓаните од денеска излегуваат на парламентарни избори, кои за првпат ќе траат три дена за да не се прават гужви на избирачките места. Изборите се сфаќаат и како референдум за тоа како досегашната власт се справувала со пандемијата на коронавирусот.
Актуелниот премиер Марк Руте, еден од најдолговечните лидери во Европа, се очекува да добие голема поддршка за нов, четврти мандат. Предизборните анкети кажаа дека неговата партија ВВД ќе освои 21-26% гласови, а најблискиот ривал, антиисламистичката Партија на слободата, 11-16%. Поради забраната за јавни собири, предизборната кампања се сведе на серија телевизиски дебати.
Луѓето кои спаѓаат во поризичните групи се охрабруваат да гласаат денеска и утре, а лицата над 70 години можеа и порано да гласаат по пошта.
Иако Холандија беше последната земја во ЕУ која почна со вакцинирањето и доцна воведе полициски час и носење маска, болниците досега не се соочија со недостиг на кревети и здравствените власти препорачаа да нема олеснување на мерките.