ХРВАТ ЈА ТУЖИ ЈОСИПА ЛИСАЦ ЗА НАВРЕДЛИВО ПЕЕЊЕ НА ХИМНАТА НА ИНАУГУРАЦИЈАТА НА НОВИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ МИЛАНОВИЌ

    ХРВАТ ЈА ТУЖИ ЈОСИПА ЛИСАЦ ЗА НАВРЕДЛИВО ПЕЕЊЕ НА ХИМНАТА НА ИНАУГУРАЦИЈАТА НА НОВИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ МИЛАНОВИЌСпоред пријавата, Лисац при изведувањето на химната користела навредливи артикулации и тоналитети (Фото: Пиксел)

    Хрват поднесе кривична пријава против пејачката дива Јосипа Лисац поради „навредливото“ изведување на химната за време на инаугурацијата на новиот хрватски претседател Зоран Милановиќ.

    Во образложението на пријавата, поднесена во Општинското државно обвинителство во Загреб, правникот Бошко Жупановиќ се повикал на член 349 од Кривичниот законик, кој се однесува на повреда на угледот на Република Хрватска.

    Тој вели дека Лисац при изведувањето на химната користела навредливи артикулации и тоналитети, кои, и покрај нејзините специфични музички стил и изразување, не се општествено прифатливи.

    „Таа морала да знае дека таквиот облик на интонирање во хрватскиот јазик секогаш се користи за јавно исмевање или омаловажување. Какво било уметничко пенетрирање во структурата на химната е недозволиво. Начинот на кој тоа го правеше осомничената апсолутно е навредувачки и омаловажувачки, па според тоа, постои сомневање дека сторила кривично дело“, вели Жупановиќ во својата пријава.

    Тој за хрватските медиуми се претстави како дипломиран правник кој нема некои големи стручни познавања од музиката.

    „Ова е мој личен став. Изведбата е дегутантна, чисто омаловажување. Нашата химна е убава и патриотска и никој не смее да манипулира со неа“, додаде Жупановиќ.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари